Да се држиме до реалните вредности што имаат одек во вечноста, вели во Божиќното интервју отец Серафим, игумен на Слепченскиот манастир Свети Јован Претеча.

– Тој вели дека за монахот не постои биографија. “Пред мене постоеше Адам, во мене постои Адамовиот грев, а по мене ќе остане мислата дали успеав да ги возљубам сите?”

Искажувањето на отецот е автентично мислење на православното монаштво. За монахот е срамно да се титулира или возвеличува, од него се бара поука или мислење. Во минатото световните лица оделе кај аввите (духовниците) и им велеле: Авво, кажи слово? … Односно, да им го каже она што искуствено го спознал во неговиот монашки подвижнички живот.

otec serafim

Отец Серафим ја испрати и својата порака по повод Христовото раѓање до верниците.

– Христос се роди! Кога зборуваме за пораки, 2.000 години постојат пораките за воплотувањето во тело на Оној Кој е Дух, но како никогаш досега не се заборавило сето она што му е должност на човекот, односно да не биде телесен, туку да биде духовен. Бог е Дух и Он заради нас тело прима, да стане сличен на нас и како крајност за Неговото воплотување да ги земе нашите гревови. Останува да се запрашаме, дали ние што живееме во светот и неминовно сме телесни, ќе станеме духовни? Дали ќе ги отфрлиме сите телесни мудрувања, кои преку нашите сетила и заматеност на умот предизвикуваат да сме самољубиви, саможиви, горделиви, славољубиви, среброљубиви итн…? Дали ние ќе ја разбереме мудроста на Оној Кој СТАНА ЕДЕН ОД НАС, за да ни го покаже вистинското живеење, вистинското доживување на реалноста, вистинските големини на љубовта, која потекнува од симбиозата на надежта и верата, која излегува и се раѓа од соборноста и неразрушливоста на таа соборност, содржана во зборовите едно да сте како Ние што сме Едно. (Јов. 17,21) Постоењето на човекот поради неговата паднатост се манифестира во животот во овој свет преку неговото самољубие, а сега воплотениот Христос ни станува Пат, Вистина и Живот. Треба само да Го следиме: Патот на љубовта – секого да го возљубиш дури и повеќе од себеси; Патот на вистината – човекот е создаден за вечност, малку нешта се квалитетни во животот за да им обрнуваме внимание, зашто сѐ е суета и ако е така, да се држиме до реалните вредности кои што одек имаат во вечноста; Патот на животот – живи сме ако нашите дела имаат своја трајност и се проткаени со една мисла да послужиме во краткиот временски период, кој на земјава го нарекуваме живот. Да послужиме до самозаборав, да послужиме надминувајќи ја смртта, значи со целото битие свое, заради животот на другите, кои не го разбрале самото служење. Ако така се преумиме, ние ќе го разбереме Христовото раѓање, односно Божјото воплотување и Неговата цел. Христос се роди!, вели отец Серафим.

slepce

Македонците како да го изгубија вистинскиот пат по кој треба да се движат. Денес кога македонскиот народ се соочува со голем број политички и социјални проблеми, како да се соочи со овие тешкотии, кое е решението?

– Секој народ што се оддалечува од Бога и божјото учење го губи патот, со други зборови ја губи смислата на неговото постоење. Во историјата многу народи го живееле тоа и се слеале во ништавилото. Секој човек има име и ако е христијанин се труди тоа име да биде прифатено во вечноста. Во името на човекот се содржат делата негови, дела по вера што сведочат за неговото реално постоење. Кога зборуваме за народ, ниеден народ не смее да дозволи да се слее во ништавилото, бидејќи тоа го нарушува поимот Црква: Црква е народот Божји собран околу својот епископ на Света Литургија и ПРИЧЕСТЕН. Ако македонскиот народ ги има „европските вредности“, кои во голема мера го нарушуваат божјото устројство во многу домени, тој ќе стане ништожен, ќе се слее во минливоста на ништавилото. Кога зборуваме за „европски вредности“, ние не помислуваме на вредностите што ги имаат народите во Европа, туку на она што се зборува, а не се извршува. Кое се ветува, а не можеме да го видиме, кое кажуваме дека постои, а живот во себе нема.

Во денешно време, да не можеш името да си го кажеш, да не можеш да се дефинираш во природните граници на постоењето, да се бориш за здив, бидејќи друг ти укажал на тоа што можеш и не можеш, а ти немаш право на глас – тоа не се вредностите на европските народи, туку политика, политика на одредени размислувања или центри за размислувања, кои во себеси содржат мноштво забрани, а зборуваат за демократија и слобода. Во нашата историја, иако овој народ крвавеше стотици години, тој не доживеа целосен погром, само заради тоа што се држеше до Христовото учење.

Ние, живеејќи во оваа 2022 година, ќе кажеме: нека моите зборови ги памети вселената, мене ќе ме нема, но тие ќе останат: сакам да сум со Христа – слуга Негов, но слободен во животот и ослободен од сите врски на овој свет, па макар и моето постоење на земјата да биде само еден миг.

панихида 18

Извадок од Божиќното интервју со отец Серафим.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…

Како да се препознае Аутизмот кај бебиња и мали деца? – совети на Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог

Автор: Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог Некои родители ги препознаваат знаците…

Битолчаните Татјана Грегова и Илче Ацески добитници на признанието „Просветен работник на годината“

По повод Светскиот ден на учителот 5 октомври, во просториите на Општинското…

Работилница на тимот на Читај бе за новинарската професија сo учениците од ОУ „Даме Груев“ Битола

Како дел од проектот „ТВОРИЛНИЦА“, во ОУ „Даме Груев“ Битола се одржа…