Јазикот е поистоветен со растението кое за да опстои во градината каде што е посадено потребно е постојано да се одгледува и наводнува. Во 21 век тешко е да се живее без познавање на барем еден странски јазик, на барем една странска култура и барем едно искуство кое ќе зборува за разликите и предностите на нашето општество во споредба со странското општество. За оваа пригода ја одбравме младата битолчанка Андреа Влинтовска која преку своите инспиративни видеа наведува голем број личности, без разлика на идентитетот, да преземат чекор и да се спријателат со странските јазици. Таа преку својот инстаграм профил познат под името „Dea Education” помага во пребродување на срамот и стравот и слободно, односно удобно, користење на странскиот јазик во комуникацијата.
За своето искуство во досегашната работа со оние кои го посетуваат нејзините часови поразговаравме со неа и откривме дека Андреа освен што соработува со посетители на нејзините курсеви од нашата држава, таа соработува и со странски слушатели на истите.
Читај бе: Андреа ти благодарам што прифати да зборуваш на оваа доста значајна тема. Би сакала да те прашам, од каде ја доби инспирацијата за она со кое што се занимаваш денес? Тлееше ли оваа желба во тебе уште од времето кога беше дете, или имаше некој посебен момент кој те натера да сфатиш за огромното богатство кое се крие во моќта на странските јазици?
Андреа: Здраво Сара. Ти благодарам за поканата. Морам да кажам дека ми е задоволство што сум дел од ова интервју. Љубовта кон јазиците ја добив уште од рана возраст, поточно од свои 5 години. Учев англиски од 5 години во приватно училиште па се до 18 години. Во меѓувреме, одев и на германски курс и од секогаш сум била заинтересирана за странските јазици. Студирав во Романија каде што имав можност да го научам и романскиот јазик. Така што, не можам да кажам дека имам некој посебен талент, повеќе е желба и мотивација за учење на нови јазици. Сфатив дека колку повеке јазици човек знае, толку повеќе шанси за успех има. Сепак, јас сум екстровертна личност и обожавам комуникација со луѓе и мислам дека тоа е голем дел за мојот успех со јазиците.
Читај бе: Гледам дека добро напредуваш во привлекувањето на публиката да ги следи твоите предавања, како и инспиративните и едукативни видеа. Што беше пресудно за преземањето на ваквиот чекор?
Андреа: Идејата за ваква едукативна страница ја добив од мојот дечко, кој што ми е и најголема поддршка во овој момент. Јас предавам веке 4 и пол години англиски и германски, и цело време нему му објаснував како немам време за сите луѓе кои што ме бараат за предавање, како сакам да го ширам своето знаење на еден поинаков начин, би рекла модерен начин. Скоро две години му зборував за тоа и тогаш тој ми предложи дека најпаметно е да се изведе преку социјалните мрежи. Страната е направена пред 7 месеци, а еве веќе имам добар број на публика кои што ме следат и подржуваат во сите проекти. Се трудам максимално да ширам знање кое што би му било потребно на секој, за секоја возраст. Сепак ова е почеток и за во иднина имам уште поголеми идеи.
Читај бе: Кое е твоето размислување за потешкотиите и шокот кој го доживуваат посетителите на твоите курсеви при нивната прва средба со странските јазици?
Андреа: Дефинитивно најголемиот проблем кој што го забележувам кај учениците е недовербата во себеси. Моментално работам со 40 луѓе кои што повеќето се над 30 години, бидејќи Романија е земја која што е членка во ЕУ, има многу фирми кои што се мултинационални и секаде се бара странски јазик, а најмногу англискиот. Така што, повеќе работам со возрасни и моментално највозрасниот ученик ми е 62 години. Тоа е доказ дека кога се сака нешто, се може на било која возраст. Учениците немаат доверба во себеси, блокирани се кога треба да дојде моментот на зборување и мислам дека тоа е од недоволно користење на јазикот. Да не бидам сфатена погрешно, но мислам дека јазиците на училиште не се учат по правилна метода бидејќи не се става акцент на зборување, туку на граматика и читање. А залудно е да знаеш да читаш ако не знаеш да зборуваш. Јазикот се негува со секојдневна пракса, и тоа е јасно. Затоа, јас со нив работам повеќе на психологија, да се опуштат, да знаат дека никој не е совршен и сите ние сме биле почетници, дека нема простор за паника или страв. И мислам дека покрај начинот на предавање, многу голем успех постигнав и со психолошките совети. Скоро сите ученици се со мене од самиот старт, некои се 4 години, некои 2 години и мислам дека тоа е јасно дека квалитетно ја работам својата работа. И уште нешто, доколку професор не знае да објасни едноставно, тогаш ни тој самиот не е сигурен во тоа што го предава. Мојот начин на објаснување е наједноставен и може да биде разбран од 6-годишно дете до 65-годишен човек.
Читај бе: За крај би сакала да им пренесеш на нашите читатели порака, со која ќе инспирираме повеќе луѓе без разлика на возраста да се одлучат на ваков чекор.
Андреа: Вложувајте во странските јазици, бидејќи тоа е една од најпаметните инвестиции на ова денешно време. Никогаш не е доцна и не постои граница кога е јазик во прашање. Не ви треба талент, потребна ви е желба и време и мотивација за остварување на целта. Конкретно за англискиот јазик, мислам дека е нешто што на денешно време е морално да се знае за да се има поголеми шанси, подобра кариера и нормално повеќе патувања. Ослободете се од стравот, довербата во себеси да биде на максимум и уште денес преземете го првиот чекор за инвестирање во странските јазици. Нема да зажалите, а можете многу да добиете.
Разговараше: Сара Трајчевска
Error: Contact form not found.