Годинава битолската Градска библиотека го одбележа 78 роденден. Формирана е во екот на ослободувањето во 1945 година и го следи целокупниот општествен, културен и интелектуален подем што се случува оттогаш во Битола. Не попусто е кажано дека библиотеките се храмови кои ја облагородуваат душата на човештвото. Книгата т.е нејзиното читање е најмоќно оружје против незнаењето – па затоа Читај Бе овој пат разговараше со м-р Бојан Стефановски, директор на НУУБ „Св. Климент Охридски“ –Битола – една од најзначајните институции во градот, особено за ревносните читатели.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е во чекор со современите библиотечни и книжевни текови. Колкав е предизвикот да се раководи со една од култните институции во градот формирана 1945 година?
Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола е установа која со своето 78 – годишно постоење допринела многу за своите граѓани и за развојот на библиотекарството во Република Северна Македонија. Нејзината примарна задача е да биде препознатлив и незаобиколен дел од опкружувањето и секојдневието на граѓаните и своите програми ги гради врз реални потреби на своите корисници, односно читатели. Навистина е посебна е честа да се раководи со една национална установа како што е Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола, особено сум горд што ја имам честа веќе втор мандат да сум на чело на вака значајна установа од областа на библиотечната дејност каде низ годините силно се негувал коренот на македонската писменост и да поставам само една камче во мозаикот кој макотрпно и успешно се создавал и градел во сите овие години на постоње на Националната установа универзитетска библиотека Св. Климент Охридски – Битола. Но најголемата заслуга оди кај вработените кои се или биле дел од Националната установа универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ со кои што заедно успеавме да го задржиме континуитетот на проектите кои се одвивале низ годините во оваа установа.
Оваа година библиотеката го слави 78 роденден, наскоро ќе се случи јубилејниот 80-ти роденден, што претставува раритет со кој Градската библиотека може да биде рамо до рамо до балкански и европските библиотеки?
Во последните години Библиотеката доживува напредок како во поглед на средствата за работа и стручната автоматизирана обработка на библиотечниот материјал, така и во однос на примената на искуствата добиени преку соработка со повеќе библиотеки во земјата, Балканот и Европа. Библиотеката е универзален свет, микрокосмос составен од книги и зборови, од бројни средби и нови знаења. Низ годините креиравме многу интересни, нови и иновативни содржини кои беа инспирација за сите наши корисници од сите возрасти. Најмладите за себе најдоа бројни содржини, се дружеа, учеа и квалитетно го користеа слободното време. Библиотекарите беа нивната поддршка, па често беа во нивната средина, во градинки и училишта. Читаа приказни, мотивираа и покануваа да ја посетат библиотеката. Исто така учениците беа чести гости во нашата библиотека, реализирани се повеќе проекти одобрени од страна на Министерството за култура, вечери на креативноста, обележувања на значајни датуми, изложби и промоции. Веќе трета година значајни се проектите од ЕРАЗМУС + програма, кои се важни за зачувување и културата и јазикот на Ромската популација. Воедно тоа се и први проекти во нашата држава каде носител е една библиотека. На покана од креаторите на иновации во библиотечното работење од Р. Србија, нашата установа стана носител на концептот за ширење на мрежата на Холтикултурни библиотеки во нашата држава, организирајќија ја средбата на холтикултурни библиотеки од пет држави од регионот. Во рамки на компетенциите поврзани со Универзитетот, освен бесплатното зачленување на студентите беше реализирана и стручна Конференција на факултетските библиотеки. Набавен е завиден број на нови наслови на книги и стручни списанија, со што каталогот на библиотеката е збогатен со нови детални описи на изданија кои стручно беа внесени во базата од страна на нашите каталогизатори. Се работи во континуитет на згрижување на библиотечната граѓа со набавка на нови полици, комплетна заштита на задолжителниот примерок, дислокација на библиотечниот материјал од Одделот за периодични публикации. Во областа на професионалното усовршување дел од библиотекарите се здобија со лиценци за работа во програмата COBISS, а библиотеката беше присутна на конференција во повеќе земји со свои стручни трудови. Во тек е реализација на проектот насловен како Дневна соба на градот, со опремување и отворање на простор кој ќе биде наменет за корисници од сите возрасти.
Како се одвива промоцијата на библиотеката и обновувањето на членство?
Покрај тоа што секоја година продолжуваме со кампањата за едногодишно бесплатно члество за зачленување, нашата популаризација на фондовите ја постигнуваме преку интензивни културни манифестации во соработка со училиштата, факултетите, промоции на книги, литературни, стручни и научни средби, изложби, одржување на напревари по библиотекарство, поезија, работилници. Интензитетот на активностите во нашата установа зборува за нашата отвореност за соработка и комуникација со најразлични субјекти кои имаат за потреба од информација или простор за своите активности. Постајано ги следиме трендовите во поглед на литературните жанрови и потреби на сите возрасни групина читатели и корисници на библиотечниот материјал и одговараме со соодветни набавки.
Кој беше позитивниот и негативниот исход од пандемијата, бидејќи сепак за битолачани оние кои читаат тоа што извесен период Библиотеката не им беше достапна, особено ги израдува кога ги отвори вратите?
Кога во тие години многу земји се соочија со периоди на изолација и луѓето беа приморани да го ограничат времето поминато надвор, книгите се докажаа како моќни алатки за да се совлада изолацијата, да се зацврстат врските помеѓу луѓето, да се прошират хоризонтите додека истовремено ги поттикнуваме нашите умови и креативноста. Како и во многу земји така и кај нас бројот на прочитани книги се дуплираше. Но сепак тоа е еден период за човекот кој сите сакаме да го заборавиме.
Ја започнавте промоцијата на македонските автори, на битолските автори, каков е одѕивот на читателите кон македонските автори?
Секоја година во нашата установа се одржува Роднокрајната средба со битолските писатели на различни теми од кои потоа од нивните излагањата во наше издание се издава Зборникот на излагањата на авторите и сето тоа е во континуитет веќе 18 години. Секако од тие средби произлезе и соработката со Битолскиот книжевен круг, но и со сите домашни автори, а ние како национална установа секако во рамките и нашите можности се трудиме колку што можеме повеќе да откупиме од нивните дела, а се со цел во што поголем број на наслови и што повеќе автори би биле опфатени и нивните наслови би биле на располаѓање на нашите читатели.Од оваа година токму по повод роденденот на нашата установа беше воспоставена и Роднокрајната награда во неколку категории.
Кои се плановите за работа до јубилејната бројка?
Дотогаш имаме уште две години, но секако ќе продолжиме со уште поголем елан и енергија да ги следиме и усовршуваме процесите во нашата дејност и во тој период да истраеме и опстанеме пред предизвиците кои нѐ очекуваат во заложбите Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола да ја направиме уште посовремена, поуспешна, врвна установа од областа на библиотечната дејност, а со цел нејзините севкупни перформанси да бидат во функција и да им служат на луѓето кои за тоа имаат потреба.
Неколку интересни факти за младите читатели:
- Градската библиотека променила повеќе локации од формирањето до денес;
- Градската библиотека имала повеќе промени на институционалното име;
- Градската библиотека е дел од COBISS мрежата, EBSCO, INIS и Е-CRIS базите;
- Градската библиотека има значајна музејска поставка;
- Фондот на библиотеката е над 600 000 книги и списанија;