Македонската книжевност не е ништо друго освен постојано потврдување на македонскиот јазик и идентитет и за среќа мајсторите на зборот го чуваат и вешто му го наоѓаат местото во книжевниот наратив – кој додека постои имаме надеж.
„Ако се родат некакви чувства“ е најновиот роман на македонскиот писател Блаже Миневски. На корицата на книгата пишува: Фасцинантен роман за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче напишан со вонсериски усет за динамика, брилијантна наративна леснотија и раскошна лексика
Има неколку писатели во Македонија кои дел од нивното книжевно творештво го темелат врз историски ликови и настани на таков начин што ја доловуваат нивната човечка суштина, односно ја раскажуваат другата страна на нивната личност, ако се земе предвид историската величина на идеологот и револуционерот Гоце Делчев, секогаш се создава слика во пеоратив, но Делчев припаѓа во таборот – учителите револуционери. По којзнае кој пат ја повторувам реченицата – најхрабрите македонски револуционери биле учители – за да се крене револуција не е само да се има оружје и физичка сила. За револуција потребна е умствена сила и стратегија, начини на дејствување.
Никогаш нема да бидам начисто дали е клетва или благослов воопшто на Балканот – љубовта кон татковината да ја победи љубовта кон една жена, па така македонските идеолози и револуционери се жртви на предавства, боли што тоа произлегува од менталниот склоп на родениот народ.
„Романот „Ако се родат некакви чувства“ е ремек дело на македонската книжевност, фасцинантна метафикција со автентична структура и раскажувачка постапка. Врз фонот на историските факти како предлошка, преку љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски создава приказна во чиј центар се чувствата. Пајажината на нарацијата се плете меѓу фактографијата и фикцијата, колективното и индивидуалното, историјата и стварноста, минатото и сегашноста – пишува за романот д-р Марина Мијаковска, писател и книжевен теоретичар“.
Режисерот Бранко Ставрев пишува: „Прашањето со кое читателот на крајот ја затвора последната страница на книгата е: зошто Гоце татковината што ја милува и несудената мајка на неговите неродени деца, во кои е смртно е вљубен, му ги доверува на својот најдобар другар? Да не се уплаши војводата од помислата дека може да биде убиен, па едната и другата негова љубов, татковината и мајковината, да бидат испоганети од плипот никаквеци кај кои не се родило никакво чувство никогаш“.
Јордан Плевнеш секогаш умее да допре до епицентарот на книжевното дело: „Тоа е дело за невозможната љубов во време кога Македонија е спрострена како пациент на болничка маса. Претчувствувајќи го сопствениот крај, Гоце одлучува да му каже на својот најверен пријател Михаил Герџиков: Ако се родат некакви чувства, вие со Јанка изградете љубовно гнездо, бидејќи јас сум пред венчавање со Македонија во бескрајните предели на Подземната република. Евангелистот Јован Богослов вели дека Бог е Љубов и Македонија е Љубов, ако не биде прифатена како Љубов, Балканот никогаш нема да биде цивилизација“.
Блаже Миневски (1961) е романсиер, драмски автор и раскажувач. Неговите дела се преведени на повеќе светски јазици, добитник е на повеќе книжевни награди.
Промоцијата на романот „Ако се родат чувства – зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ беше промовиран и пред битолската читателска публика во свечената сала на Културно – информативниот центар во Битола.
Романот го промовираше професорката Милица Радевска, која кажа: „Како имплицитен автор Миневски го претставил системот од идеолошки норми што е кодиран во раскажувачка структура, односно вградил етички норми за чувствата, документарното, фиктивното, оригиналното и фалсификатите на историјата. А вистината, што е таа? Трагањето по вистината е она што не постои пред неа и она што ќе се измисли зад неа. Оттука вториот важен момент е споредувањето на уметничкото дело со историските документи што во нив се искористени на релација уметнички текст-историја.Има дел во кој на платформата на Маја се опишани големите љубови на светските познати писатели класици како: Флобер, Есенин, Мајаковски, Достоевски, Елијар, Лермонтов, Кафка итн. Но она што е тука важно е да се истакнат паралелите што ги прави авторот во однос на релативизацијата на љубовта и релативизацијата на историјата, односно тоа се сцени на интертекстуалното поврзување на авторите од минатите времиња со нивните творештва и љубовни приказни: Секако функционалноста на овие паралели се и во однос на одредени антрополошки, имаголошки проследувања како приказната за „Двата револвера“ и „Не можеш да се обесиш на вертикална цевка“: „Кон крајот на годината, запомни, кога Крсте П. Мисирков во весникот Мир објавува дека Македонците имаат свои македонски национални чувства, Есенин бил примен во клиниката за пациенти со нервни нарушувања…Каква врска има Есенин со Мисирков, помислив. Не знаеш, се чуди
Бадема. Мисирков прв го превел Есенин на македонски. Преводот е објавен во весникот Македонски глас на Чуповски, рече. „Нема потреба од рај, дај ми ја татковината“, додаде и полека почна да се стемнува.“ “.
Романот „Ако се родат чувства – зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ е во издание на ИК Матица Македонска.
На промоцијата познатиот Драган Мијалковски ја испеа песната која ја пеел и му била омилена песна на Гоце Делчев „Кукни кукавице“