Со големата ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО од с. Слоештица, Демир Хисар, што ќе биде поставена во преубавиот Офицерски дом во Битола, центарот го отпочнува чествувањето на 20-годишното креативно делување.

Поминаa точно две декади откако германскиот уметник Хубертус Хес претвори дел од старата дрвена ограда на чардакот во „Ангел чувар“ на гумното во Слојштица. Со ова, симболично отпочна делувањето на визионерската рожба на семејството Андреевски – меѓународниот центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО.

Низ годиниве, на креативното гумно продефилираа, ни помалку, ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет.

За АРТ ПОИНТ – ГУМНО велат дека е расадник за регрутирање на културни амбасадори за Македонија оти, освен што создаваат дела инспирирани од магијата на модрата планина и сѐ што пулсира во и околу неа, уметниците волонтираат и во бројните проекти што центарот ги спроведува во соработка со локалната заедница и се запознаваат со нашето бесценето културно и природно наследство.

Дел од извонредното уметничко богатство – 65 слики, скулптури и фотографии, низ кои провејува убавината што уметниците ја доживуваат за време на гостувањето, ќе бидат пренесени од гумното во Слојштица во Кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола, а изложбата ќе ја отвори младата македонска писателка, уредник и преведувач – Јулијана Величковска, којашто вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.

Планирано е, есенва, истата поставка да биде претставена и пред скопската публика, во МКЦ, Скопје.

Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура, а реализацијата на оваа изложба ја поддржа и КИЦ Офицерски дом – Битола.

 Во врска со прославата на јубилејот, организаторите планираат и други настани.  Паралелно со големото ретроспективно претставување, ќе бидат организирани и неколку тематски изложби: „Последните селани“ во Центарот за култура и релаксација “Еригон” во Слоештица; во градската библиотека „БОРКА ТАЛЕСКИ“ – ПРИЛЕП, ќе биде претставена драгоцената фото-документација за рурален Демир Хисар што низ годиниве ја направија претставниците на престижната Либеречка школа за фотографија од Чешка, а во галеријата во Слоештица, единствена уметничка галерија во едно македонско село, преку целата година ќе бидат организирани тематски изложби.
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола го доби признанието за Најдобра установа од областа на заштитата, образованието и рехабилитација на лицата со попреченост

Фондацијата ,,Професор д-р Љупчо Ајдински”, а на предлог на Сојузот на специјални…

Промоција на две книги од авторката Билјана Андоновска во Бигорски манастир

На 16 април, на празнувањето на Лазаревото воскресение, авторката Билјана Андоновска од…

Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…

Првото бебе во Битола е женско – Христина за бериќетна 2023 година

Христина е првото бебе кое се роди во битолската болница. Мајката Сара…