Преподобниот Нектариј беше родум од Битола, Македонија, каде се роди во 1406 и му беше дадено името Никола. При наездата агарјанска, неговите родители, за да не бидат заробени, побегнаа во планината. Тогаш таткото на Никола, во договор со жена му, ги зеде двата сина и појде да се замонаши; на постриг го доби името Пахомиј, во манастирот на светите Бесребреници, кој се наоѓаше во подножјето на планината во која се сокрија.
Еден монах, по име Дионисиј, кој беше член на братството од келијата на Архангелите близу Кареја на Света Гора, го зеде Никола и го одведе на Света Гора. Таму тој стана монах, и го доби името Нектариј. Се подвизуваше во послушанието кон неговиот старец, Филотеј, кој го имаше дарот на проѕорливост.
На неговите подвизи другите можеа само да му позавидат; беше обдарен со такви добродетели, што стана познат низ цела Света Гора Атонска. Многупати Сатаната сакаше да го фрли во грев преку неговите соподвижници, но Нектариј, со благодатта Божја и неговото големо смирение им одолеа на сите искушенија. Во мир се упокои преподобниот Нектариј на 5/18 декември 1500 година.
Пет години по неговата смрт, неговите ученици и следбеници го отвориле неговиот гроб, за да му ги пренесат моштите и забележале дека тие не биле распаднати и од нив се ширела пријатна миризба во воздухот. Моштите му ги положиле во ковчег, на кој што бил направен релјеф на неговиот лик. Ковчегот со неговите мошти и денес се чува во Света Гора, во ќелијата каде што се подвизувал.
Споменот на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот Битола, се слави со празнична богослужба во Соборниот храм „Свети Великочаченик Димитриј“, после која следи Литија.